Промовирани огласи »

Утре се отвораат сите гранични премини

Владата донесе одлука од утре, 17 јуни, да се отворат сите гранични премини

Владата донесе одлука од утре, 17 јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни. 

За влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.

„Останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Република Северна Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест. Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава“, информираа од Владата. 

Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

Промовирани огласи »

Шкријељ: Сите што останале без работа од 11 март до 30 април, да аплицираат за паричен надоместок во Агенцијата за вработување

Паричен надоместок за лицата што останале без работа од 11 март до 30 април

Оние што останале без работа во пикот на коронакризата, независно од времето поминато во работен однос, можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, апелираше до лицата кои потпишале спогодбен отказ или дале лична изјава за прекин на работниот однос, да аплицираат во Агенцијата за вработување до 26 јуни. 

„Системите на социјална сигурност се состојат од два механизми. Првиот механизам е користење на паричен надомест врз основа на Законот за осигурување во случај на невработеност. За да им излеземе во пресрет на сите што имале прекин на работен однос донесовме Уредба којашто го проширува опфатот на лица кои можат да примаат паричен надомест. Според Уредбата, сите оние коишто останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, без разлика дали потпишале спогодбен отказ или лична изјава, или добиле отказ од работодавачот, ќе можат два месеци да примаат паричен надоместок“, посочи Шкријељ.

Аплицирањето е веќе во тек. Сите оние кои имале прекин на работен однос во посочениот период треба да поднесат барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување. Рок за поднесување на барањата е 26 јуни. Досега во Агенцијата се пристигнати над 2.300 барања. 

Дополнителната заменик министерка Шкријељ укажа дека Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедиле брз пристап до материјално обезбедување и за онаа група невработени кои претходно работеле со договор на определено време и кој по сила на закон истекол, а немаат потребен минимум од 9 месеци непрекинат стаж или 12 месеци стаж со прекин, за да остварат право на паричен надоместок. 

„Затоа го релаксиравме и системот на социјална заштита. Сите семејства кои останале без приход, можат да влезат во системот на социјална заштита и да примаат гарантирана минимална помош. Тоа значи, ако претходно ги следевме приходите на едно домаќинство во последните три месеци за да видиме дали треба да влезат во системот, сега ги гледаме приходите само од претходниот месец. Затоа ги повикувам сите семејства коишто се нашле во ваква ситуација на ризик, да се обратат во центрите за социјална работа и да поднесат барање за гарантирана минимална помош. Со ова излегуваме во пресрет на оние што се најранливи во нашето општество“, апелираше Шкријељ.

Промовирани огласи »

ЈСП лепи напепници на седиштата на кои е забрането седење

На влезните врати и внатре во автобусот се поставуваат и налепници со кои се информираат граѓаните дека задолжително треба да носат маски при користење на јавниот превоз.

Во автобусите на ЈСП „Скопје“ почна лепење напепници на седиштата на кои е забрането седење. Исто така налепници се поставуваат и низ подот на автобусите, со цел да се обележат местата каде треба да стојат патниците, доколку нема место за седење. Налепниците се лепат на секои второ седиште, и патниците не можат да седат еден зад друг, туку цик-цак.

На влезните врати и внатре во автобусот се поставуваат и налепници со кои се информираат граѓаните дека задолжително треба да носат маски при користење на јавниот превоз. Досега контролирање на бројот на патниците во автобусите и дали се почитуваат препораките за користење маски, го вршеа контролите на ЈСП „Скопје“.

„Утре контролорите од претпријатието заедно со полицајци од СВР Скопје ќе имаат вонредна контрола во автобусите дали патниците носат маски. За жал и покрај апелите и секојдневните контроли на контролорите на терен има граѓани кои одбиваат да носат маски. Вакви акции заедно со полицијата ќе има и во наредниот период“, велат од ЈСП „Скопје“.

Граѓаните кои ќе бидат затекнати без маски во автобусите ќе бидат казнети со 20 евра. Од претпријатието велат дека акцијата со полицијата ќе има и едукативен карактер односно на граѓаните ќе им се делат заштитни маски.

извор - sdk.mk

Промовирани огласи »

Хаос со платежните картички, рокот за приговори истекува денес

Дали делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови?

Рокот за поднесување приговор до Генералниот секретаријат на Владата истекува  денеска напладне, а досега над  30 илјади приговори доставиле незадоволните граѓани кои ги нема на листата на добитници на платежни картички од 3 и 9 илјади денари.

Во моментов во државните институции е хаос. За само неколку дена треба да ги поправат направените грешки, новите податоци да се достават до банките кои пак ќе треба да ги направат картичките.

Многу поплаки има од студентите, а особено од средношколците кои ги нема на листата. 10 илјади граѓани веќе ги имаат добиено картичките, а до крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат уште 100 илјади.

Аналитичарите изминатиот период постојано алармираа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Токму поради ваквите сомнежи, Антикорупциската комисија отвори предмет по кои критериуми се доделувала помошта за исплата на 14.500 денари по работник. Комисијата се сомнева дека државна поддршка добиле и финансиски стабилни фирми. Под лупа на Антикорупциска повторно ќе се најде и екс Вицепремиерот Кочо Анѓушев. Дискутабилно е како негови фирми добиле помош, а истовремено тој е член на Советот кој дискутира за владините мерки.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »