Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека со решение на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев формирана е Комисија која поради ограничениот број обрасци на патни исправи, по утврдени критериуми одлучува кои барања на граѓани се итни и неодложни да бидат процесуирани во итна постапка со цел издавање на патни исправи.

Имајќи го во предвид наведеново, ги известуваме граѓаните дека барањата за издавање на патни исправи, поткрепени со соодветна документација, треба да бидат доставени до подрачните единици на Одделот за граѓански работи, со назнака дека се работи за ИТНИ барања за патни исправи кои се во надлежност на комисијата.
Барањата неопходно е да содржат телефонски број на лицето-подносител. Воедно ја информираме јавноста дека на 19.02.2020 година, Комисијата го одржа првиот состанок на кој беа разгледани вкупно 77 барања од граѓани.
Инаку, според министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, новите пасоши коишто се очекува да пристигнат следниот месец нема да го имаат новото име на државата, рече тој на денешната прес конференција.
Како што изјави тој, причина за тоа е немање технички спецификации околу изгледот на новата патна исправа.
„Нема да бидат најверојатно веднаш со новото име заради тоа што не се утврдени техничките спецификации околу изгледот на новата патна исправа“, рече Чулев.