Нема да се зголеми процентот на поврат од 15 отсто од платениот ДДВ.

Односно, мерката на Владата со која на граѓаните што скенираат фискални сметки им се враќаат 15 отсто од платениот данок на додадена вредност, ќе остане во иста форма како што сега се спроведува.
На исти начин ќе продолжи да се одвива и наградната игра МојДДВ#МојаНаграда, која се спроведува од неодамна.
Ова за Фактор го тврдат од Министерството за финансии, откако во одредени медиуми беше објавено дека Владата планира измени во проектот за поврат на ДДВ на граѓаните, со кои би се зголемил процентот кој сега изнесува 15 отсто, на повисок процент, со цел мерката да стане попривлечна за поголем број граѓани и проектот да добие на масовност.
„Марката дава добри резултати, а одлично поминува и наградната игра, така што, продолжуваме како и досега“, велат за Фактор од Министерството за финансии.
Инаку, за околу две недели, односно веќе во февруари, на трансакциите на скенирачите на фискални сметки би требало да легне исплатата за второто тримесечје од мерката МојДДВ.
До граѓаните повторно беше упатен апел доколку имале проблеми со исплатата во првото тримесејче, да ги проверат убаво нивните трансакциски сметки, дали правилно се внесени во апликацијата.
Инаку, од првата исплата, поврат легнал кај 144.601 граѓани кои имале правилно внесени трансакциски сметки, а исплатената сума е 155.244.780 денари.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки, максималната сума што можат да ја добијат за три месеци е 1.800 денари, или 7.200 денари годишно.
А во наградната игра, пак, се доделуваат дневни и месечни награди, а има и две главни премии од по 50 илјади евра.