Жителите на општината Центар ќе можат да ги поправат и санираат постојните кровни конструкции, поточно да ги заменат постојните азбесни со еколошки, но и да ги реконструираат рамните проодни и непроодни тераси. Исто така ќе имаат можност и да ги поправат и постојните лифтови на станбени згради, доколку се технички неисправни, но и да ги модернизираат и да усогласат со безбедносните барања и подобрување на нивната безбедност, со помош од локалната самоуправа.

За таа цел, Општината Центар распиша јавен повик за нивна финансиска поддршка.
Проектот финансиски ќе биде поддржан од општина Центар и тоа во висина од 30%, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на постоечки кровни конструкции и не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација. Преостанатите 70% ќе ги обезбедат сопствениците на посебни делови преку кредитирање, или во готово.
Селекцијата ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“. Предуслов за исплатата на средствата од страна на општината ќе биде потпишан договор со избрана фирма од страна на заедницата на станари или управителот и уплатен аванс. По нивно приложување средствата ќе бидат префрлени на сметка на заедницата или управителот на зградата.
Сопствениците на станови треба да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда. Воедно, најмалку 70% од становите во зградата (влезот) да се користат (да се вселени) во текот на целата година (вклучувајќи и изнајмени станови). Исто така, право на учество имаат сите влезови поединечно кои имаат регистрирано заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител.
Заинтересираните треба да поднесат пријава на пропишан образец кој може да се подигне на пријавницата во барака 3, во архивата на Општина Центар – барака 6 или на интернет страницата www.centar.gov.mk.
Пријавите заедно со сите документи можат да се достават во периодот од 16 до 30 септември 2019 година и тоа во затворено плико, директно во архивата на Општина Центар, во барака 6 – Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, секој работен ден во периодот од 9 до 15 часот или по пошта на адреса: улица „Михаил Цоков“ бб – Скопје.