Ќе се радуваат ли македонските туристи на поевтин роаминг од соседна Грција и обратно ќе треба да одлучи грчката страна до која од АЕК е пратен предлог за да се намали цената на роамингот за околу 70%.

Намалувањето на цените би требало да стартува за два месеци но се чека на одговор од грчките оператори .
АЕК чека известувње од грчкиот регулатор за електронски комуникации кога од нивна страна ќе бидат завршени националните процедури и ќе се исполнат предусловите за да може да се реализира најавата од потпишувањето на меморандумот на 19 февруари годинава од ресорните министри Никос Папас и Дамјан Манчевски.
Со Меморандумот се предвидува за негова примена да бидат одговорни националните регулаторни тела од двете држави (Агенцијата за електронски комуникации и Hellenic Telecommunications and Post Commission), а намалувањето на цените на роаминг услугите да биде со динамика и до ниво исто како цените на роаминг услугите дефинирани во Регулативата за роаминг услуги на европско ниво бр. 531/2012.
Според АЕК, 0,29 евра би изнесувала цената на појдовниот повик од јули годинава, додека таа цена во јули 2021 би била 0,19 евра.
СМС пораките би чинеле 0,009 евра од јули оваа година, а во 2021 цената би била 0,06 евра.
Македонија беше првата држава од Западен Балкан на која Бугарија ѝ предложи билатерално укинување на роамингот.
Сепак, ова прашање се уште е само на хартија. Најавата беше во 2017 година кога Владите на Македонија и на Бугарија го одобрија меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги.
Согласно меморандумот министерствата се обврзуваат да ги поттикнат мобилните оператори да склучат меѓусебни спогодби кои ќе доведат до трајно намалување на цените на мало на роаминг услугите за крајните корисници.