Банките да не им наплатуваат на граѓаните од ранливите категории, надоместоци за отворање, водење на сметка, за уплатите и за исплатите. Ваква новина е предвидена во новиот Закон за платежни услуги и платни системи што го подготвува Министерството за финансии во соработка со Народна банка, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Работната верзија предвидува сметката со основни функции да биде бесплатна за ранливите категории, односно по закон ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење сметка, уплати и исплати. За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок. Ќе напоменам, дека за да се отвори сметката, граѓаните не треба да поседуваат друга сметка со основни функции на свое име, како и дека на оваа сметка нема да можат да одат во минус, рече министерот за финансии Тевдовски.
Исто така, се воведуваат решенија во Законот за платежни услуги и платни системи, што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги. Ова ќе придонесе за засилена конкуренција и нови, иновативни начини на плаќање, лесно достапни и со помали трошоци.