Земјоделски производители од Македонија учествуват на најголемиот саем за органски производи „Биофах“ што се одржува од 15 до 18 февруари во Нирнберг, Германија.

На штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) се претставуваат осум производители на органски градинарски, овошни и житни култури, диворастечки растенија, производи од мед, органски ѓубрива и преработки.
– Се поголемата побарувачка на органската храна во светот, особено на пазарите во ЕУ, ја наметна потребата од зголемување на извозот на органските македонски производи. Во Македонија последниве години активно се работи на зголемување на производството на органски производи, како и на свеста на потрошувачите во однос на предностите кои ги има органската храна, велат од МЗШВ.
Министерството го овозможи здружениот настап за заедничка промоција во соработка со производителите и преработувачите на органски производи и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ (Increasing Market Employability).
– Од оваа година саемот „Биофах“ е вклучен во програмата на саеми кои се поддржани од Министерството за земјоделство. Препознавајќи го извозниот потенцијал на органските земјоделски производи од Македонија, сметаме дека беше неопходно да обезбедиме простор на кој македонските производители на органски производи ќе изложуваат, но и ќе договараат извоз за своите производи на европските пазари, истакнуваат од МЗШВ.