Ново поскапување на бензинот и дизелот, но колкава би била цената без давачките кон државата?
Малопродажната цена на бензините од понеделник на полноќ се зголеми за 1 денар, додека пак на дизелот за половина денар во согласност со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика.

Според новата одлука донесена на 09.07.2018, новата цена на Еуросупер БС-95 изнесува 72 денари, на Еуросупер БС-98 изнесува 74 денари. Еуродизелот се продава по 64 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство по 52,50 денари за литар.
Пораст бележи и цената на мазутот и таа изнесува 34,711 денари за килограм.
Просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена изнесуваше 75,88 долари за барел и е повисока за 2,78 проценти, а курсот на денарот во однос на доларот изнесуваше 52,60 денари и е за 0,21 процент понизок.
Литар безоловен бензин и дизел за само 39 денари – толку би чинело горивото на бензинските пумпи ако од малопродажната цена се одбие делот кој оди за државата во форма на разни давачки, даноци и акцизи и остане само производствената цена и трговската маржа.
Нафтените деривати се користени од голем дел од населението и стопанството на директен или индиректен начин па токму затоа и претставуваат одличен извор на полнење на државната каса.
Во Република Македонија цената на нафтените деривати не се одредува на пазарот туку неа ја одредува Регулаторната комисија за енергетика на секои две недели. Како два главни фактори кои влијаат на цената се движењето на девизниот курс на доларот во однос на македонскиот денар и цената на суровата нафта на светските берзи.
Основа за формирање на цената што ја плаќаме кога точиме гориво на бензинска пумпа, е рафинериската цена, која се одредува според методологијата пропишана со Анекс Д од Договорот за купопродажба на акции и за концесија на Рафинерија АД „Окта“ Скопје, потпишан меѓу Владата на Република Македонија и акционерското друштво „ЕЛ.П.Е.Т. – Балканики” како стратешки инвеститор, кое е во сопственост на грчки „Хеленик петролеум“.