Грците се редовни посетители и муштерии во Јужна Македонија. Ниската цена на производите и услугите е она што ги привлекува. Проблемот со името, и не им пречи многу. Велат дека разликата во цените е голема и затоа се одлучуваат за да дојдат во Македонија.

Грците се редовни муштерии со години наназад во градовите на југот од Македонија, а ги „мамат“ ниските цени на производите и услугите, пишува Фактор.
Најчесто во Дојран и Гевгелија доаѓаат на стоматолог за поправка на заби, за купување на облека, намирници, бензин, но и за посета на фризерско – козметичките салони во овој регион.
Наплив на луѓе од соседна Грција претежно има во четврток кога е пазарен ден, но и преку цела недела за купување на она што им е неопходно.
Секој ден во ординација имаме по десетина Грци. Откако почна оваа „криза“ околу името во последно време забележувам помала посетеност, но сепак ги има. Да се поправат забите овде е многу поевтино за разлика од кај нив. Ние во градот имаме 4 стоматолошки ординации, што е многу за граѓаните кои живеат овде, но имаме пациенти од Грција. Таму каде има казина, има и Грци и доаѓаат токму во тие градови – велат од стоматолошка ординација во Дојран, во изјава за Фактор.
Слично е и во соседната Гевгелија. Гевгеличани раскажуваат дека без приливот на пари од грчките муштерии градот ќе замре, а локалната економија ќе биде во колапс. Додаваат дека Грците најчесто кај нив купуваат овошје, зеленчук, ручаат во некој од рестораните и си одат.