Франција оваа недела ќе стане најновата членка на Европската Унија што планира проширување на воените капацитети, со очекувана најава од претседателот Емануел Макрон за повторно воведување на воена служба на доброволна основа, речиси три децении по укинувањето на задолжителниот рок. Потегот доаѓа во услови на зголемена загриженост од потенцијална руска агресија и неизвесност околу долгорочната посветеност на САД на одбраната на Европа, поради што многу земји ги ревидираат сопствените одбранбени стратегии.
Според анализи на „Гардијан“ и извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), најголемиот дел од европските армии се соочуваат со недостиг на обучен кадар и резервисти, што ги турка владите кон различни форми на регрутација. Нордиските и балтичките држави веќе имаат силни модели: Финска се потпира на општа задолжителна служба за мажи и располага со еден од најголемите резервни состави во светот, Шведска во 2018 година врати селективен воен рок за мажи и жени, Данска ја прошири регрутацијата и за жени и ја продолжи службата на 11 месеци, додека Естонија, Летонија и Литванија комбинираат задолжителен рок и лотарија ако нема доволно доброволци.
Прашањето на воената служба станува сè повеќе политички и општествено чувствително, предупредуваат експертите. Додека Хрватска веќе го врати задолжителниот рок, а Полска планира масовни обуки за да ја удвои големината на војската, Германија засега се откажа од обврзна мобилизација и се сврте кон доброволен модел, кој може повторно да се преиспита ако не донесе доволно персонал. Аналитичарката Софија Беш смета дека традиционалната регрутација не е чудотворно решение и може да предизвика отпор, додека најуспешните европски модели денес се потпираат на мотивирани доброволци, поттикнати со бенефиции и долгорочна општествена дебата за „спремноста да се служи“ во време на нова геополитичка неизвесност.
Тагови: Гардијан Европа