Системот „Сејф сити“ во Скопје во моментов лови од 5 до 11 илјади прекршоци по сообраќајниците. Уште не е во функција, се тестира, но ако продолжи ова темпо на непочитување на законот, полицијата ќе се затрупа со казни. Казни затвор за потешките прекршоци нема зошто не е сменет законот за прекршоци, пишува Радио Слободна Европа.
Во моментов се менуваат неколку закони за да може да профункционира проектот „Безбеден град“, a главна новина која се предвидува, според Министерството за внатрешни работи е токму онаа која се однесува на ловење на сообраќајни прекршоци со помош на камерите.
Во моментов се тестира системот за казнување во Скопје и според податоците од СВР дневно би требало да се пишуваат од 5 000 до 11 000 казни. Најчесто се за брзо возење, за поминување на црвено и за погрешно паркирање. Според началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски ова е фрапантно и алармантно и доколку овој начин на возење продолжи и во периодот кога ќе се пишуваат казните полицијата ќе се затрупа со работа.
Ако со оваа интенција граѓаните не реагираат, ние де факто ќе се заглавиме со плаќање казни и со папирологија. Но јас се надевам дека после периодот на тестот ќе имаме втор период на тест, кога ќе ви стигне известување на домашна адреса дека сте згрешиле, со напомена дека ова е сепак период од 15 дена, тест, без платен долг, но да знаете дека ова ќе ви биде последно, вели Топаловски за РСЕ.
Инаку очекувањата се дека ќе се намали казнувањето за 80 до 90 проценти. Во моментов со актуелниот начин на контрола на сообраќајниците полицијата успева да евидентира по околу 500 казни на ден.
Со измените меѓу другото се предвидува дека сопственикот на возилото со кое е сторен прекршок известување ќе добие преку порака на мобилниот телефон или на неговата електронска пошта.
Во пораката ќе се содржи записникот, платен налог и фотографија како и укажување од последиците ако не го отвори линкот. Топаловски вели дека ова значително ќе ја олесни процедурата. Смета дека добро е што конечно ќе може да се стави и крај на ургирањата.
Нема да имаме повеќе можност да му се јави некој на шефот, на началникот или на директорот заради тоа што не постои можност системот да се интервенира. Комплетно ќе ни падне од плеќи еден товар кој долго време функционира. Знаете, да му се скине казна, што не велам дека не се случувало од сите ешалони, тоа е исто како да сте ги казниле 200 други, вели Топаловски.
Казни ако користите електронски уреди како што се слушалки, мобилен телефон, таблет, смарт часовник додека сте пешак, велосипедист или мотоциклист како и возач на тротинет, предвидуваат новите измени на законот за Безбедноста на сообраќајот на патиштата. Ова е една од повеќето промени кои ги предлага работната група која подолго време работи на менување на законите со кои треба да се стави поголем ред на градските сообраќајници.
Казната за наброените прекршоци се предлага да биде за пешаците 40 евра, додека за возачите 50 евра.
Како што пренесе РСЕ, дел од велосипедистите и пешаците со кои разговарале не биле запознаени со измените на овој закон.
Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ изјавиле дека во моментов измените на законот биле во владина процедура по што откако ќе се утврди од Владата , ќе бидат доставени во собраниска постапка чија динамика на спроведување не можат да ја предвидат. Во предлогот кој беше ставен на ЕНЕР пак се вели дека измените треба да стапат на сила од 1 јануари 2026 година.
Тагови: казни Сејв сити системот