Власта почнува постапка за ревидирање на Законот за административните службеници, чии измени предвидуваат поедноставна селекција, унапредување и оценување на административците.
На Единствениот електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР) објавено е дека делот од испитот за проверка на интелектуалниот капацитет и тестот на личност содржани во актуелниот закон ја усложнуваат постапката за селекција на кандидати за вработување, а притоа не придонесуваат за вработувања врз основа на заслуги.
„Нецелисходни се и барањата за меѓународно признатите сертификати за познавање еден од трите светски јазици, што претставува и финансиско оптоварување за кандидатите без извесност за сигурно вработување“, пишува во образложението на Министерството за информатичко општество и администрација.
Во однос на постапката за унапредување, во образложението пишува дека сегашното решение во согласност со кое административен службеник може на интерен оглас да се унапреди само во едно повисоко ниво доведува до неможност за кариерен развој на административни службеници кои подолго време се на најниски нивоа во рамките на категоријата. Во Законот е регулирано дека оценувањето резултира со мерки за одличен и слаб ефект.
Цел на предлог-законот е административните службеници да имаат подобрени и поедноставени постапки за селекција, унапредување и оценување на административните службеници, со што ќе се зголеми бројот на компетентни кандидати за вработување.
„Со предлог законот за изменувања и дополнувања на Законот за административни службеници, се предвидува целосно укинување на тестот на личност и тестот за интелектуалниот капацитет, бидејќи овие тестови само ја усложнуваат постапката за селекција на кандидати за вработување, а притоа значително не придонесуваат за вработувања врз основа на заслуги. Во однос на тестот за познавање на странски јазик, со актуелното законско решение – поседување на меѓународно признат сертификат – претставува финансиско оптоварување за кандидатите без извесност за сигурно вработување. Со предложените измени, трошоците за проверка на познавање на еден од трите најчесто говорени јазици во Европската Унија (англиски, француски и германски) ќе бидат сносени од државата, а тестот за проверка на познавање на странски јазик ќе биде составен дел од испитот за административни службеници“, велат за Макфакс од Министерството за информатичко општество.
Временската рамка за изготвување на предлог-законот е до 8 септември.
