Половина од депозитите се чуваат на краток рок, а од другата половина еден дел се на сметка за да можат да се повлечат секој момент и само една четвртина се орочени на долг рок. Македонците преферираат да штедат во денари и 58,5 отсто од парите на крајот на 2016 година се чувале во домашна валута. Tоа e најкраткиот опис на штедната клима во Македонија во која банките менаџираат со депозитите на клиентите.

Депозитите на граѓаните во македонските банки на крајот на 2016 година достигнале 217,39 милијарди денари односно 3,5 милијарди евра, покажуваат податоците на централната банка кои можат да се најдат во последниот годишен извештај на една од големите банки! Тоа е за 5,33 милијарди денари повеќе од 2015 година односно за 86,4 милиони евра повеќе од 2015 година. Тоа е раст од само 1,6 отсто за една година и наведува на заклучок дека се сведува на годишниот принос од камати на влоговите.
Официјалните податоци покажуваат дека вкупните депозити на нефинансискиот сектор (граѓани, фирми, и други правни лица) изнесуваат вкупно 322,8 милијарди денари што е еднакво на 5,23 милијарди денари. Од овие средства во трите најголеми банки се над 200 милијарди денари.
Каква е структурата на депозитите?
Најголем дел од парите се чуваат во денари и тоа 58,5 отсто од сите депозити. Другото е во странски валути меѓу кои најзастапено е еврото. За споредба со 2015 година довербата на клиентите на банките во денарот изнесувала 59,2 отсто. Веројатно и покрај подобрите камати дел од граѓаните решиле по „мајската криза“ своите средства да ги чуваат во странска валута.
Од начините на штедење Македонците го преферираат краткорочното штедење. Тие се одлучуваат нивните заштеди да бидат во банки, но не решаваат да штедат на подолг рок. Веројатно им треба некој со дела и зборови да ги убеди дека долгорочното штедење е исто како и краткорочното. Тука треба да се потрудат најмногу домашните политичари, но треба и банкарите да настапат проактивно зашто тоа ќе им го подобри планирањето, пласманите и ќе им ја подобри оптимизацијата. Податоците покажуваат дека на краток рок се вложени 47,9 отсто од сите депозити, а во 2015 година во тој „режим“ биле 48,7 отсто од заштедите. Долгорочните депозити учествуваат со 26,6 отсто во целото и во однос на 2015 година нивното учество е поголем за 0,1 отсто.
Депозитите по видување ангажираат 25,6 отсто од сите депозити и тие единствени бележат раст во споредба со другите две категории. Растот е за 1 отсто. Очигледно дека намалените среднорочни депозити завршиле тука.
Кога компаниите ќе видат дека влоговите се поевтино кредитирање од банкарските кредити?
Очигледно дека овие 5 милијарди евра се голем кредитен потенцијал кој во голема мерка банките го ставиле во погон преку своите кредити и на него добро заработуваат. Но значаен дел од депозитите уште е расположлив и лежи во македонските банки. Зошто домашните компании не почнат поинтензивно да размислуваат на темата корпоративни обврзници со кои ќе можат да финансираат свои нови инвестициски односно развојни проекти. За нив голем потенцијал за евтини пари се токму депозитите во банките.
Извор - Фактор.мк