Граѓаните со бурни реакции ги примија вестите дека оние најзагрозените граѓани со блокирани сметки мораат до утре, петок 25ти декември, да ги подигнат парите од банките за тие да не им бидат земени од страна на извршителите. Поради тоа денес сведоци сме на ужасни слики од гужви пред експозитурите на банките иако се наоѓаме на сред панде*ија. За да се среди ваквата ситуација Комората на извршители вчера издаде препорака до своите членови времено да деблокираат сметките на граѓани кои добиле помош од 6 000 денари од четвртиот пакет економски мерки за справување со последиците од болеста, а по подигнувањето на помошта, се препорачува сметките повторно да бидат блокирани.

„На Комората на извршители ѝ е познато дека се јавуваат проблеми со неможноста за подигнување на паричниот износ од 6.000 денари од четвртиот пакет економски мерки, бидејќи на дел од граѓаните им се веќе блокирани сметките. Според наши сознанија, трансакциските сметки на граѓаните, освен од страна на извршители, се блокирани и од други правни субјекти кои за тоа се овластени по закон. Некои банки за вакви случаи отвораат по службена должност наменски сметки врз кои не влијае блокадата на редовната трнаксакциска сметка, а заради исплата на помошта, додека други банки за жал не отвораат наменски сметки за граѓаните“, велат од Комората.
Препораката, како што посочуваат, ја дале бидејќи нема решение како да се подигнат парите од блокираните сметки во оние банки каде не се отвора наменска сметка.
„Таквата препорака од Комората до своите членови се однесува само на постапки кои се водат според Законот за извршување. Исто така, Комората им препорача на своите членови за евентуално наплатени средства од должници приматели на ваква помош од страна на извршителите, истиот износ да им биде вратен со приложување на соодветен доказ од страна на должникот до извршителот“, појаснуваат од Комората на извршители.
Со ваквото предложено решение, додаваат, постои можност должникот да подигне од сметката и пари кои се вон државната помош, но друго решение нема.
„Се надеваме дека граѓаните – доверители ќе имаат разбирање за ваквото постапување“, потенцираат од Комората на извршители.