Првиот вицепремиер Артан Груби откако Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог законот за преземање на административни службеници вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност, вели дека откако ќе биде изгласан ќе следува план на распоредување на 1.200 кадри, а Министерството за информатичко општество и администрација ќе направи трансфер листа.

Овие луѓе воопшто не се виновни што биле вработени, а никој 10 години не ги земал да работат. Дузина министри, вицепремиери, градоначалници, директори се извртеа, секој си вработувал свои луѓе, овие останале. Со законот Владата на почеток ќе треба да усвои план за распоредување на овие околу 1.200 кадри каде што има празни места, а има потреба од вработување во 2021 година. Ќе се земат систематизациите на институциите, да се види каде фалат кадри. Во МИОА ќе се направи трансфер листа од овие вработени по Рамковниот договор. Институциите на кои им треба вработувања, ако звањето и квалификацијата на кадарот што го бараат го има на трансфер-листата, обврзувачко ќе биде од неа да вработи. Се разбира, ако се совпадне со местото на живеење на вработениот, зашто со сила никој никого не тера да се сели од еден во друг град, вели Груби за СДК.
Целта на овој закон е да се распоредат нераспоредените административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вработени преку оваа програма во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и во институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од државата или од општините, од градот Скопје, како и од акционерски друштва во државна сопственост.
Министерот за политички систем како предлагач на овој закон вели дека фалат кадри и со средно образование насекаде, а најмногу по шалтерите во МВР, во ПИОМ, Катастар, а со овој закон, вработените „По Рамковен“ доколку не им се допадне тоа што е мала почетна плата или слично, го губат трајно правото да се вработат по истиот.