Владата нема да се откаже од идејата да се воведе законска можност за предвремено пензионирање пет години пред исполнувањето на старосната возраст за пензионирање. Премиерот Зоран Заев вели дека со оглед на тоа што нивниот мандат во оваа Влада е четиригодишен тие планираат следната година односно 2021 оваа можност прво да ја стават да дебата па после решението и да се усвои.

„Сите што сакаат да можат пет години пред да наполнат 64 за мажи и 62 години за жени или да го докупат стажот и да се пензионираат, рече Заев.
Можноста за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, ама со намален износ, ја најави Владата во новата програма за работа од 2020 до 2024 година. Во програмата не беа наведени рокови ама се тврдеше дека тоа ќе биде од 2021 година.
„Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија. Зајакнување на улогата на старите лица во локалните заедници и обезбедување услови за вклучување во јавниот живот, стои во програмата.
Владата во програмата се обврза на нова повисока минимална пензија која ќе изнесува најмалку 10.700 денари за сите. Се најавува и можност за докуп на стаж за да се добие пензија.