Владата на вчерашната 21 седница ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од новата болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични и на вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во самоизолација.
Во вториот заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од новата болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од оваа болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.