Граѓаните и претпријатијата се во исчекување на четвртиот пакет на еконосмки мерки за справување со последиците од корона кризата по составувањето на новата Влада, инаку најавен уште пред изборите дека ќе се реализира во септември, но за тоа прво ќе треба да се направи вториот ребаланс на буџетот годинава.

Одлуката се очекува да биде донесена следната недела кога ќе се види колку средства се останати помеѓу институциите кои може да се повлечат назад во буџетот, колку непродуктивни трошоци дополнително ќе бидат намалени и колку средства ќе бидат потребни за евентуално задолжување.
Крешник Бектеши, министерот за економија, вчера пред средбата со Сојузот на стопански комори, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека од следната недела ќе започне процесот на ребалансирање на буџетот поради корона-кризата и најавениот четвртиот пакет на економски мерки.
- Ќе има ребаланс на буџетот, одлука следната недела ќе се донесе, кога го очекуваме и предлогот од Министерството за финансии, изјави Бектеши, при тоа не откривајќи какв мерки од четвртиот сет за справување со економските последици од коронавирусот ќе бидат донесени.
Бектеши најави дека главно ќе се работи за даночни олеснувања и директни субвенции за претпријатијата, особено од секторите кои се најмногу погодени и кои се уште немаат дозвола за работа од државата.
Данела Арсовска, претседателката на ССК, рече дека државата од сите останати во регионот процентуално најмалку одвоила од своето БДП за економска помош и дека голем број на дејности се уште не смеат да работат, а немаат право на субвенции уште од јули месец.
Првото прекројување на државната каса се случи во мај на безмалку два месеци по појавата на пандемијата во земјава со кој се дополнија буџетите на одредени министерства како клучни за борба со Ковид-19, а се укинаа одредени мерки кои се сметаа за ирелевантни и се редуцираа одредени трошоци.
Платежни картички за категориите граѓани како самохраните родители и пензионерите со ниски пензии, односно за категориите кои не беа претходно опфатени, се новините кои се најавуваат за четвртиот пакет економски мерки.
Ова го најави вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи во своето гостување за ТВ 24, нагласувајќи дека ќе има и други таргетирани мерки за оние кои не можат без помош во третиот и четвртиот квартал.
Според Битиќи, средства за четвртиот пакет ќе бидат обезбедени со ребаланс на Буџетот и со префрлања на заштедените пари кои некои институции не ги потрошиле.
Одлуката за тоа кога ќе биде ребалансот ќе се знае за десетина дена.
Тој нагласи дека фокусот на Владата е економијата, интензивно се одржуваат средби со сите чинители, а владините проекции за рецесијата остануваат исти, односно дека таа нема да биде подлабока од четири отсто.
Битиќи нагласи дека и со четвртиот пакет мерки ќе покажат дека Владата сака секој еден денар на граѓанинот што се дава за даноци, да отиде каде што треба.