По 6 месеци, повторно се врати детскиот џагор во градинките. Почнаа со работа под посебни протоколи и мерки за заштита од корона вирусот. Поголемите деца веќе знаат дека нема гушкање и поздравување со другарчињата како порано.

Новото нормално за градинките е при прием задолжително мерење на температура на детето, дезинфекција на раце и лекарска потврда дека е здраво.
Негувателките и воспитувачките со маски и честа дезинфекција на подовите е сликата која ја видовме утринава на првиот работен ден. Родителите со коментар дека со почитување на протоколите, нивните деца ќе бидат побезбедни во градинките отколку во парковите.
- Не, нема страв бидејќи во градинките ќе биде побезбедно отколку во парковите и на лулашките. Добро е што ги отворија, со почитување на протоколите нема страв. Го земав внучето, секако не е сеедно, ама не може дете цело време дома со баба...велат родители.
Во градинката Буба Мара во Аеродром порано згрижувале 1100 деца во петте објекти кои ги имаат. Сега со ковид протоколите има место за 560.
- Добро е што повторно се гледа детската смеа во градинките, утрово се беше согласно протоколите, вели Елена Устамитова, директор на градинка Буба Мара.
Министерката за труд и социјална политика која ја посети оваа градинка, побара од вработените согласно препораките на Комисијата за заразни болести, да не се групираат во една просторија за време на пауза туку секој да си биде со одредената група. Има и посебен алгоритам доколку се појави сомнителен на корона.
- Пример, ако дете има зголемена температура, неователката го изолира во посебна просторија. Друго лице е задолжено да ги извести родителите или старателот и епидемиолошката служба. Согласно епидемиолошката анкета и реултатот од евентуално тестирање ќе покаже кој ќе оди во изолација, вели Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.
Во градинкитер има утврдено и време за прием и заминување на децата се со цел да не биде загрозено нивното здравје како и работниот процес во установата.
- До 6 деца кај најмалите и максимум 15 во поголемите групи. Ова е само дел од протоколот донесен од Комисијата за заразни болести за функционирање во услови на пандемија од корона вирусот.
Дел од градоначалниците се пофалија дека немаат проблеми, додека, пак, некои се пожалија на недостиг од кадар во градинките за нивно нормално функционирање. Од 19 000 места, досега интерес за згрижување пројавиле родители на 14 555 деца.