Зоран Заев, премиерот на Македонија, пред вчерашниот состанок со Дарко Димовски, лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија, рече дека Владата останува на ставот работниците да можат предвремено да се пензионираат само доколку се согласат на намалување на пензијата.

Наспроти ова, Димовски тврди дека ССМ бара работниците да може да се пензионираат според бројот на годините како стаж, а не според возраста.
- Жените да може да се пензионираат со 35 години стаж и мажите да одат во редовна пензија со 40 години, без разлика на нивната возраст. За нив да се обезбеди предвремена старосна пензија, бидејќи многу од нив не можат да дочекаат редовно да се пензионираат на 62, односно 64 години поради здравствени причини или претпријатието каде што работеле им отишло во стечај, рече Димовски на заедничката прес-конференција со Заев.
Претседателот на Владата рече дека уште денеска на состанокот ќе бидат утврдени некои мерки, но кога станува збор за пензионирање, ставот е воведување можност за предвремено пензионирање на максимум 5 години пред редовното пензионирање..
- Можеме да најдеме механизам преку тоа на што е подготвена Владата со докуп на стаж. Дражавата ќе развие алатки и методи, за да можеме и ние како Влада да го издржиме тоа. Опцијата е доколку тој се уплати, но во разни сектори и под разни услови, со цел таму да има поголема продуктивност на трудот, рече Заев.
Тој најави можност работниците сами да го доплаќаат придонесот, доколку го немаат условот од 15 години за пензионирање а се 5 години до пензија.