На што најмногу се жалат граѓаните до Организацијата на потрошувачи?

Извештајот на ОПМ за минатата година говори дека најголем број од поплаките се однесувале на категоријата производи, од кои како најзастапени биле техничките производи, белата техника и производите во домот.
Кај техничките производи најактуелни меѓу оштетените потрошувачи биле мобилните телефони и телевизорите, кај белата техника, најмногу се жалеле на машините за перење, инвертерите и фрижидерите.
Како најзастапен производ во домот, на што се пожалиле граѓаните, во текот на минатата година, а за кој се поднесени најголем број поплаки, се споменува мебелот.
Од категоријата општо во која потрошувачите ги пријавуваат проблемите со попустите,
недоставените производи, барањето на информација и слично, најголем број поплаки се однесувале на категоријата „недоставен производ”, односно се работи за ситуации кога на потрошувачите не им бил доставен нарачан и платен производ на време.
Меѓу услугите најзастапени се поплаките за туристичките услуги, кои се однесуваат на изгубени куфери при трансфер со автобус.
Кај јавните услуги – телекомукациските, електрична и топлинска енергија, имало проблеми во сите, кај телекомуникациските граѓаните се жалеле на сметки, а кај електричната и топлинската енергија за сметки и за застарени сметки.
„Од специјалистичките советувања, најзастапени се проблемите со осигурувањето, додека поплаките за храна и домување беа сведени на минимум (имајќи го предвид фактот дека АХВ има бесплатна линија за поплаки и Одделение за заштита на потрошувачи). Иако бројката на поплаки за финансиски советувања беше мала, дел од советите се однесуваа на проблемите на кредитите, каматната стапка и трошоците за заверување кај нотар, кои дополнително се наплатуваат“, се вели во Извештајот на Организацијата на потрошувачи на Македонија.