Промовирани огласи »

Учениците и од септември ќе останат дома?

Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава.

Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на пандемија, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила. Во интервју за МИА Адеми вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.

Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

Промовирани огласи »

Хрватска нема да дозволи влез на македонски туристи

Нема летување во Хрватска

Владата на Хрватска најави отворање на своите граници. Но, според изјавата на премиерот Андреј Пленковиќ, во Хрватска ќе може да допатуваат туристи од само 10 земји. На списокот не е и Македонија.

Вели дека согласно промени на состојбата со епидемијата во разни земји, ќе се менува и за сега утврдениот список на држави од каде Хрватска ќе прима туристи.

„Успеавме во првото полувреме да ја победиме епидемијата. Направивме план според кој би ја измениле одлуката за привремена забрана за поминување на граничните премини за државјани од низа земји за туризам. Тоа би се однесувало на Словенија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Германија“, наведе Пленковиќ.

Инаку, и Црна Гора објави список на земји од каде на туристите ќе им биде дозволено да летуваат од 1 јуни, но сосема исто како и Хрватска, црногорските граници ќе останат затворени за македонските граѓани.

Тагови: туристи

Промовирани огласи »

Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи, објави дека исплатата на државната помош за плати на засегнатите дејности од корона-кризата е реализирана за месец април и дека од 1 јуни започнува поднесувањето на барањата за месец мај.

„Успешно ја реализираме Мерката за финансиската поддршка за исплата на плати за месец април 2020 година. Од 1 јуни започнува поднесувањето на Барања за финансиска поддршка за исплата на платите за месец мај, а ние сме подготвени за прием и обработка истите“, напиша Лукаревска.

Истовремено објавено е кратко видео од УЈП за чекорите за поднесување на барањата, нивното одобрување и исплата на финансиската поддршка.

Промовирани огласи »

На маса по 4 лица само ако се од исто семејство: Од денес може да одите во кафуле и ресторан, но под овие правила!

Кафулињата и рестораните од денеска повторно почнуваат со работа.

Откако беа затворени на 13 март поради состојбата со коронавирусот, кафулињата и рестораните од денеска повторно почнуваат со работа. Отворени за гости ќе бидат само оние угостители кои располагаат со тераси, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.

Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана предвидува дека работното време е ограничено од 8 часот до 22 часот. Поконкретно, ќе работат само отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Сите вработени кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце.

Се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.

На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.

Според протоколот, дозволен е максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри.

На секоја маса треба да има дезинфекциско средство за раце, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена – често миење раце при прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.

Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100)  или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Редовното одржување на тоалетите е исто така задолжително, со водење евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Организирање на прослави, свадби, родендени, крштевки, во оваа фаза на протоколот, е забрането.

За работата во затворените објекти и тие што немаат тераси пак, ќе се регулира во наредната фаза.

Угостителите кои денеска треба да ги отворат терасите велат дека мерките доследно ќе ги почитуваат, но сепак се надеваат на одредени измени.

Како што истакна вчера Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, потребно е да се направи подобра позиција за да имаат помали загуби.

-Извесно е дека нема да заработуваме, но можеме да направиме подобра позиција за да имаме помали загуби ако има поразумни мерки, вели Ангеловски.

Според Стопанската комора на Македонија, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Комората појаснува дека самото отворање на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето, што е една од главните препораки која не треба да се прави.

-Ситуацијата не е сменета од минатата недела кога ја предочивме состојбата. Ќе видиме кој се ќе отвори. Едно е најава, друго е на терен. Во секој случај, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Свесни сме дека во сите земји во регионот и пошироко угостителството и туризмот беа најпогодени. Од друга страна, отворањето на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето што е една од главните препораки која не треба да се прави, нагласуваат од Стопанската комора.

Поради коронавирусот, сите угостителски објекти во државата престанаа да работат на 13 март. Загубите, според проценките на секторот, се и ќе бидат огромни, а потребен ќе биде и подолг период за нивно целосно закрепнување. (МИА)

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »