Промовирани огласи »

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) апелира работодавачите во целост да ја почитуваат препораката за ослободување од работа на еден од родителите, а работниците да пријават во Државниот инспекторат за труд доколку се соочат со непочитување на препораката.

–  Бидејќи до КСС почнаа да пристигнуваат известувања дека некои од работодавачите од приватниот сектор не сакаат да ја почитуваат мерката која е казнива со Кривичниот законик, апелираме оваа мерка да се почитува во целост од страна на работодавачите, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Апелираме до сите работници кои ќе се соочат со непочитување на мерката од страна на работодавачите да пријават до Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31, а надлежните институции соодветно да реагираат, се наведува во соопштението од КСС.

Оттаму најавуваат дека ќе ги пријават сите случаи доколку добијат информација за непочитување на препораката.

Согласно најновите мерки што ги објави Владата во врска со коронавирусот, од работа треба да биде ослободен еден од родителите кои имаат деца до 10 години, а за тоа родителот треба да достави потврда од градинката или основните училишта. Од работни обврски се ослободуваат и родителите кои имаат деца со попреченост.

Од КСС апелираат до сите граѓани да се грижат за своето и јавното здравје и да ги почитуваат препораките.

Промовирани огласи »

Од утре нема да важат бесплатните годишни средношколски и студентски билети за користење на јавниот превоз.

Времено, нема да важи и одлуката за бесплатен превоз за возрасни лица (жени со 62 год, мажи со 64 год) во вторник, петок, сабота и недела во јавниот превоз и на Жичарницата на Водно. Укинувањето на бесплатниот превоз на посочената категорија корисници е согласно актуелната состојба со коронавирусот и препораките од надлежните институции за превенција и заштита од вирусот – информираа од ЈСП.

Одлуката е времена, ќе важи во наредните две недели, се до наредните препораки.

Промовирани огласи »

Владата по препорака на министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести вчера донесе нови, засилени мерки за заштита на јавното здравје од корона вирусот Covid-19.

Меѓу мерките кои почнаа да важат од вчера е и да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.

Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, во емисијата 24 Отворено на Телевизија 24 даде појаснување за оваа мерка, поточно за одлуката да се ослободи од работа еден од родителите на деца до 10 години.

Се следи активно состојбата, како што поминува времето ќе ги носиме следните одлуки, рече Манчевски.

„Во однос на одлуката за родителите, откако ќе се затворат образовните функции мора да има мерки за згрижување на децата особено оние до 10 години или вклучително со четврто одделение.

Мерката важи само за децата кои посетуваат воспитно-образовна институција. Еден родител треба да да биде ослободен од работа, и да достави потврда дека детето му оди во училиште или градинка. Ова ќе биде платено отсуство, не треба да се зема боледување или одмор“, објасни министерот.

Финансискиот сектор прави проценки за надоместок во однос на финансиска поддршка за компаниите доколку продолжи ваквата состојба.

Манчевски додава дека мерката за родителите важи за сите освен за вработените во безбедносниот сектор, здравствениот или полицијата.

„Професијата што сите ја работиме бара ризици и откажувања, во овие моменти треба да покажеме висока општествена одговорност. Во ваква ситуација здравствените установи и безбедносните институции мора да останат со полн капацитет. Доколку двајцата родители се од ваков тип ќе има дополнителни мерки“, вели Манчевски.

Во однос на бремените жени и хронично болните, Манчевски информираше дека мерката веднаш стапува на сила исто како што е со загадувањето, овие групи на граѓани не треба да одат на работа.

-Мерките кои ги применуваме се применуваат во сите држави. Меѓу другото и забрана за собир над 1.000 луѓе. Владата и органите ги откажуваат сите настани и од помал обем што се во организација на институциите, секаков вид на тренинзи, обуки, семинари. Откажани се и состаноците на меѓународно ниво, вели Манчевски.

Министерот вели дека нема простор за паника, ова се превентивни мерки со цел да не дозволат услови за проширување на вирусот.

– Луѓето не треба да паничат само треба да се придржуваме до мерките и препораките. Така ќе ја намалиме опасноста за повеќе заболени, вели Манчевски.

Промовирани огласи »

Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни и приватни програми кои децата ги извршуваат вон наставата, како што се курсеви за странски јазици, дополнителни часови, спортски тренинзи и воспитно-образовни активности, како дел од одлуката на Владата да се затворат градиниките, училиштата и факултетите во наредните 14 дена за да се спречи проширување на коронавирусот.

Родителите да ја почитуваат препораката за мирување и седењето дома и да не се посетуваат игротеките, апелираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Апелирам да се почитува мирувањето и седењето дома, да не се претвори во масовно посетување на игротеки, како што беше случајот со епидемијата на морбили. Ако одат по игротеки, тогаш мерката нема да има никава смисла. Да се почитува мерката децата да бидат во домашни услови, кажа министерот Филипче.

СЕДЕТЕ ДОМА СО ДЕЦАТА, НЕ ОДЕТЕ ПО ИГРОТЕКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ЗАТВОРАТ ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »