Nextsense е меѓународна компанија која ја води дигиталната трансформација ширум светот. Билјана Алампиоска – Андреевска, е оперативен менаџер за човечки ресурси во претставништето на Nextsense во Скопје. Таа за KARIERA.mk, го сподели нејзиното искуство како HR професионалец и нејзините предизвици во нашата земја.

Кажете ни нешто повеќе за Вашиот ангажман во Nextsense како менаџер за човечки ресурси (HR operations manager)? Кои се Вашите предизвици?
Како оперативен менаџер за човечки ресурси одговорна сум за сите аспекти на управување, учење и напредување на вработените. Од административни активности, регрутација и селекција, па се до креирање на стратешки планови за развој и унапредување. Најголем предизвик во оваа професија секако е да се биде линкот помеѓу менаџментот на организацијата и вработените. Секоја страна има свои приоритети и очекувања и потребно е многу трпение, флексибилност и баланс за да се усогласат. Но кога целите на двете страни ќе дојдат во иста линија, тоа значи дека HR-от одлично ја врши својата работа.
Кој е моделот за изнаоѓање на IT кадар во Р.С. Македонија?
Совршен или вистински модел не постои. Потребно е да се користат различни алатки, ресурси, контакти, средби за вмрежување, социјални медиуми, па дури и традиционални огласувања. Во време кога во ИТ индустријата нема невработеност, и каде за разлика од другите индустрии тука кадарот го избира работодавачот, треба да бидеме особено креативни во процесот на барање и наоѓање на кадар. Во Некстсенс фокусирани сме на одржување на нашиот препознатлив бренд, но и на овозможување на уникатно, пријатно и позитивно искуство во процесот на регрутација и вработување.
Дали младата популација во нашата земја е склона на IT и дали нивната визија е да работат и творат тука?
Бројот на студенти запишани на техничките факултети е во пораст. Секоја година имаме можност да се запознаеме со голем дел од нив на саемите за кариера, или пак на гостински предавања на факултетите. И покрај тоа што значителен број ја започнува кариерата во државата, за жал долгорочно голем дел од нив се гледаат во странство. Тоа е ситуација со која секојдневно се соочуваме, и тоа е една од причините зошто имаме недостаток на ИТ кадар. Предизвик е да ги задржиме, а особено оние кои се млади, амбициозни и отворени кон нови работи. Со оглед на тоа дека зборуваме за индустрија која е иновативна и динамична и која се стреми да биде во тек со сѐ она што е ново и иновативно, се надевам дека овој тренд на заминување ќе се намали и дека младите професионалци ќе ги насочат своите ресурси во македонските компании.
Што вреди да се сподели од Вашето бујно искуство во HR светот?
HR-от е професија која сеуште созрева и секојдневно се истражуваат и откриваат начини за да се направи промена во една организација. Ми исполнува тоа што имам можност да го подобрам професионалниот живот на вработените. Иако тоа најчесто се ситници, знам дека правам нешто позитивно. Ми се допаѓа тоа што секој ден е различен и динамичен и дава можност да се научи нешто ново. Ми се допаѓа изложеноста. Не постои друг оддел кој е толку вклучен на сите нивоа и во сите функции на една организација. Луѓето се највредниот и најважниот сегмент во една компанија, а HR-от е тој кој им дава живот и тоа е навистина благодарно и исполнува.
Дали се организираат доволно број на обуки и семинари за изнаоѓање на нови таленти во нашата земја?
Од учење никогаш доста, па така и од обуки, семинари, работилници. Има добри и интересни иницијативи, меѓутоа недостасува вмрежување помеѓу HR професионалците на ниво на индустрија. Регрутацијата во ИТ е голем предизвик со оглед на тоа дека пазарот е ограничен, така што било какво споделување на иновативни методи и начини на регрутирање би било добредојдено.
Во Вашата досегашна работа сте сретнале многу млади луѓе, меѓу нив сигурно и млади таленти. Што ги советувате?
Да бидат позитивни, проактивни и продуктивни. Секој момент треба да се гледа како можност да се научи нешто ново од оние кои се околу нив, без разлика на нивната позиција. Особено на почеток на нивната кариера младите таленти треба да ги впиваат сите информации и потоа ефективно да ги искористат. Да бидат трпеливи. Редовно да излегуваат од нивната комфор зона и рутина и секој проблем да го гледаат како предизвик и можност да се научи и направи нешто ново. Секоја работна позиција е процес и патување каде една индивидуа се открива себе си и сопствените потенцијали, што сака, а што не сака, што може, а за што е потребен екстра напор. Целта секогаш е раст и напредок и нормално исполнување на амбициите.