Дезинформација е дека се подготвува закон со кој мажите и жените пред пензија би работеле со скратено работно време без да им се намали платата, тврдат и од Организацијата на работодавачи, која учествува во подготовката на законите од работната сфера.

Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, вели дека таа информација е чиста измислица и дека во подготовките на Законот за работни односи, преку кој наводно би се внела таква новина, не станало збор за нешто такво. Претходно демантираше и министерката за труд и социјална полiтика Мила Царовска, откако голем број медиуми, претежно портали, објавија дека со новиот закон за рабoтни односи, кој е во подготовка, Министерството ќе предвиди жените над 60 и мажите над 62 години да работат по шест часа дневно за полна плата, а преостанатите два часа да ги доработуваат млади, кои за тој ангажман би ги плаќала државата.
Таа прецизираше дека во моментов работат неколку работни групи со сите засегнати страни, кои имаат можност да учествуваат и да даваат предлози и размислувања. Кога ќе биде изработен законот, ќе има јавна дебата, па потоа ќе се донесе.
Тоа се дезинформации. Нека потврди медиумот кој известувал за тоа оти таква информација има од МТСП. Донесувањето на законот за работни односи се врши на транспарентен начин, рече таа.
Од Министерството информираат дека во подготовка е сосема нов закон за работни односи, од кој сè уште не можат да се соопштат детали, но се очекува тоа да се направи наскоро.