Владата нема намера оваа година да го прогласи 2 мај за неработен ден за јавната и државната администрација, како што тоа го направи за 2 јануари. Денот по Нова Година не се работеше со посебно донесена одлука за таа намена, иако официјален празник во календарот е само 1 јануари. По празнувањето на Денот на трудот сите ќе треба да бидат на своите работни места. Во минатото 2 јануари и 2 мај беа државни празници, но во 2007-ма беа укинати од владата на Никола Груевски.

Владата нема намера да го прогласи и 2 мај за неработен ден оваа година, како што тоа го направи со 2 јануари - изјави Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.
На почетокот на минатата година, по една од најавите дека ќе се прават измени на Законот за празниците, граѓаните ги преплавија социјалните мрежи со барања 2 јануари и 2 мај повторно да бидат прогласени за неработни денови, а Министерството за труд и социјална политика објасни дека ќе бидат земени предвид сите барања. Место измена на Законот, Владата на 25 декември го прогласи 2 јануари за неработен, но само за државната администрација, со препорака одлуката да ја прифати и приватниот сектор. Без најава и без образложение за одлуката, административците добија уште еден неработен ден во јануари.
По ваквата одлука со специјална намена реагираше Синдикатот и на почетокот од годинава побара од Владата да се работи 7 часа дневно и 2 јануари и 2 мај да бидат неработни денови во празничниот календар..
Во моментов го разгледуваме тоа барање, како што ги разгледуваме сите барања, но оваа година сигурно нема 2 мај да биде неработен ден - додаде Бошњаковски.
Новата власт уште пред изборите ги разгледуваше можните измени на Законот за празниците со можноста за укинување на дел од неработните денови и воведување на некои други.
Во меѓувреме ќе има еден работен ден помеѓу Велигден во понеделник на 29 април и 1 мај во среда.