Сингапур повеќе не е земја која го има најмоќниот пасош на светот, покажува passportindex.

Сега на нивното место се Обединетите Арапски Емирати.
Ова достигнување е вистински одраз на наследството на шеикот Зајед, основачот на ОАЕ. Ова исто така е потврда колку може да се постигне преку позитивната дипломатија, соопшти Министерството за надворешни работи.
Државјаните со овој пасош можат без виза да патуваат во 167 земји, а второто место го делат две држави, Сингапур и Германија, со чиј пасош слободно се патува во 166 земји.
На третото место се рангирани 11 држави со подеднакво моќен пасош, и тоа САД, Данска, Шведска, Финска, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Норвешка, Луксембург и Јужна Кореја.
На дното на листата е Авганистан, на чии жители не им треба виза за само 29 држави, а нешто подобри се Ирак, Пакистан, Сирија, Сомалија и Јемен (40).
Пасошот на Република Македонија се наоѓа на 36-то место на листата на passportindex.org. на која се рангирани 199 пасоши. Со нашиот пасош може да се патува во 77 земји без да ви е потребна виза, а во 41 земја виза ќе добиете по влегувањето. Виза за патување на граѓаните на Република Македонија им е потребна за дури 80 држави во светот.
Најдобро рангиран пасош од земјите на Балканот е словенечкиот, кој се најде на седмото место и хрватскиот на 11 место. Од соседните земји на оваа листа македонскиот пасош е повисоко рангиран од пасошите на Црна Гора (37. место), Босна и Херцеговина (40. место), Албанија (42. место) и Косово (81. место).