Во светот најдобро рангирани се јапонскиот и сингапурскиот пасош затоа што нудат најмногу можности за слободно патување.

Тие го делат првото место, и со нив може да се патува во 189 земји без виза.
Минатата година германскиот пасош беше број еден, а годинава е на второто место и овозможува патување во 188 земји.
Третото место го делат Финска, Франција, Италија, Јужна Кореја, Шпанија, Шведска и Данска, чии граѓани можат да патуваат во 187 земји без визи.
На четвртото место се Австрија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Велика Британија и САД, чии државјани можат да патуваат во 186 земји од светот.
По нив следат Белгија, Канада, Ирска и Швајцарија, а нивните сопственици без виза влегуваат во 185 земји.
Од регионот, најдобра позиција има словенечкиот пасош кој е на деветтата позиција, а по него следат хрватскиот и бугарскиот пасош кои го делат 16 место, српскиот на 36 место, македонскиот на 40, па босанскиот и албанскиот на 46 и 47 позиција. Во лошо друштво е Косово рангирано на 93 позиција, и нивните граѓани без визи можат да патуваат во само 44 земји. Зад него се Шри Ланка, Бангладеш, Етиопија.
Македонскиот пасош се наоѓа на 40. место, според најновото истражување на компанијата Henley and partners за моќта на пасошите. Македонците без виза можат да патуваат во 125 земји.
Последни се пасошите на Авганистан, Ирак, Сирија, Сомалија, Пакистан, Јемен, Еритреја, Судан. Тие без виза можат да посетат десетина земји.
Сепак, ова истражување покажува слични резултати со она на Passport Index. Според нивното истражување, на почетокот на месецот објавија нова листа на најмоќни пасоши при што Сингапур беше на прво место, а Германија на второ.