Гејминг индустријата или индустријата за видеоигри е сé почесто актуелна тема која има голем потенцијал и е во експанзија. Додека гејмингот за некои претставува хоби, за други е професија која како и секоја друга работа бара посветеност, но ветува и многу забава.
За нејзиното искуство во оваа област, но секако и предизвиците, разговараме со Гордана Ристова која по завршување на академијата за 3Д дизјан на видеоигри во Seavus Едукативниот и Развоен Центар се вработи како 3D Unity Developer во „Pickatale“.

Гордана, Вие имате навистина исклучителна животна приказна вредна за споделување. Како дознавте за Академијата за 3Д дизајн на видеоигри при Сеавус Едукативен и Развоен Центар? Што Ве мотивираше да се запишете на истата?
Со досегашното искуство како инженер - дизајнер за внатрешно уредување и употребата на графичките софтвери барав можност за мое надградување. Најпрво, барав курсеви исклучиво од мојата област, но почнав да разгледувам и надвор од „моите граници“. Ги разгледав понудите кои се однесуваа на останатите курсеви и академии, но сепак 3D Game Designer најмногу ме привлекуваше. Со годишната програма следуваше сериозен пакет кој опфаќаше предмети за изучување на 2D и 3D софтвери (Maya, Photoshop, Unity и сл.) како и теоретски предмети за изучување на гејмингот. Предизвикот да се стекнам со нови знаења за кои сметав дека ми се блиски и дека во иднина можат да ми користат во областа во која работам, беa голем мотив за да се запишам на академијата.
Сте превзеле храбар чекор и сте решиле да се преквалификувате – да започнете нова кариера. Имавте ли некакво предзнаење во дизајнирање на видеоигри и како решивте да започнете кариера во една релативно несекојдневна професија за нашиот пазар во Македонија?
Немав никакво предзнаење, сите информации што ги имав за гејмингот стекнати пред да се запишам на академијата, беа резултат од моето интернет пребарување и следење на светските трендови од таа област.
Со започнувањето на академијата и со увидот на можностите кои се пред мене, веќе бев сигурна дека тоа е тоа што во иднина сакам да го работам.

Какво е Вашето искуство околу програмата од академијата? Што изучувавте и на какви проекти работевте?
Моето лично искуство го оценувам повеќе од позитивно и реално ги надмина моите очекувања. Програмата е одлично концепирана со многу добар баланс помеѓу теорија и пракса. Покрај изучувањето на софтверите кои се скелетот на академијата, во добар дел се изучува теоријата на гејмингот кои според мене е духот на оваа академија. Преку предавањата сфатив дека се отвараат безброј можости за креација и развој. Многу често во академијата имавме интерни работилници кои беа одлична можност да го примениме нашето дотогашно знаење, но и да разговараме и размениме искуства со лица кои веќе имаат богато искуство во креирањето игри. Покрај овие интерни работилници имавме можност да учествуваме како тим и на државни па и на меѓународни гејм натпревари и работилници меѓу кои можам да ги посочам како поважни Game Jam и Global Game Jam. Во склоп на академијата потребно беше да се завршат три проекти за три различни типа на игри по кои се врши оценување како за начинот на работа така и за целокупниот продукт. Овие проекти ќе ги претставиме на завршаната изложба на 20 септември во „Јавна Соба“.
Академијата за 3Д дизјан на видеоигри ја завршивте во јуни оваа година и веднаш потоа се вработивте во компанијата „Pickatale“. Дали е лесно да се пронајде работа со оваа професија кај нас? Со какви предизвици се соочувате на работното место?
Во Македонија постојат неколку компании кај кои главна или споредна дејност е гејмингот, исто така постојат компании кои не произведуваат игри, но имаат побарувања од профил со слични познавања. Со оглед на тоа дека засега е многу мал бројот на образовани и компетентни кадри за оваа професија, произлегува дека сме доста конкуретни и барани како на нашиот пазар така и надвор од Република Македонија 😊.
Моментално во Pickatale работам на позиција 3D Unity Developer и во тек е многу интересен проект за едукативни игри. Главен предизвик ми е кодирањето, секој ден учам нови методи, нови начини и нови пристапи за реализација на одредена цел. Unity е софтвер за кој нема граници. 😊

Што би им препорачале на сите оние кои сакаат, а можеби се двоумат да превземат ваков чекор?
Моја препорака до сите кои се пред самата крстосница на нивните кариери е да се фокусираат на тоа што навистина сакаат да го работат, да инвестираат во себе и да издржат сѐ додека не ја остварат зацртаната цел. Сепак мора да признаеме дека не секогаш е лесен патот до остварување на тоа што навистина го сакаме. Таков е и мојот пример – како мајка на три деца и со постојана работа во студио за внатрешно уредување решив да започнам нова кариера и тоа во професија која и не е толку прочуена кај нас. Во одреден период од студиите паралелно и работев, но бев решена да ја остварам мојата цел и да го работам тоа што навистина го сакам.
За самиот крај, дали сте гејмерка и која е Вашата омилена игра? J
Па, можам да кажам дека сум гејмерка 😊, отсекогаш слободното време ми било исполнето со игрици. Поради краткото слободно време повеќе сум ориентирана на минималистички игри кои се играат на таблет или телефон.
Омилена игра ми е Kingdom Rush.
