Турската компанија „Лимак" денеска ќе почне со градежните работи за изградба на подземната сообраќајница на местото на постојниот Јужен булевар. На потегот меѓу зградата на поранешна „Нова Македонија" и булеварот „Борис Трајковски" во должина од 800 метри ќе се гради подземен булевар со шест коловозни ленти. Булеварот ќе се гради шест години, a ќе чини 250 милиони евра.

Оваа сообраќајница треба да овозможи растоварување на дел од сообраќајниот метеж во строгиот центар на Скопје, но и побрзо патување меѓу населбите Карпош, Кисела Вода и Аеродром.
Турската компанија „Лимак“ уште во март 2012 година го купи градежното земјиште за да гради надземен комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни. Како дел од договорот, тие се обврзаа дека ќе ја изведат сообраќајницата пред да почнат да го градат новиот комплекс.
Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје вели дека оваа подземна сообраќајница досега требало да биде изградена и во функција, но инвеститорот пет години бил заглавен во постапки и процедури во градот. „Претходната градска администрација не успеала да го реши тој проблем. На многу поедноставен и полесен начин граѓаните ќе можат да комуницираат од општина Аеродром и Кисела Вода до Карпош, односно центарот ќе може да биде бајпасиран на многу поедноставен начин отколку што сега се чини дека е“, вели Шилегов.
Фирмата „Чакар партнерс“ го изработи основниот проект и основниот сообраќаен проект за изведба на подземната сообраќајница.
Од денеска утре во наредните шест години ќе биде воведен привремен сообраќаен режим на булеварот „Македонија“ (зад Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“) поради изведување градежни активности за изградба на подземна сообраќајница од страна на компанијата „Лимак“. Поради градежните зафати ќе се изврши и промена на трасата на автобуската линија „9“, а ќе се дислоцира и една автобуска постојка.
Од ЈСП Скопје информираат дека автобуското стојалиште на булеварот „Македонија“, кое е во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“), привремено ќе се премести на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна улица „Железничка“), после пешачкиот премин кој води до „Урбан парк“.
Променета ќе биде и трасата на движење на автобуската линија „9“, во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север. Автобусите од посочената линија на крстосницата меѓу улицата „Јордан Мијалков“ (поранешната улица „Железничка“) и улицата „Герман“, нема да вртат лево кон булеварот „Македонија“, туку, ќе продолжат да се движат право и истите подоцна ќе се приклучат кон булеварот „Македонија“ преку привремена улица пред натпатникот на улицата „Павел Шатев“, при што ќе продолжат да се движат по постојната траса на линијата „9“.