Промовирани огласи »

Ќе треба да ги правдате и докажувате и парите кои ги добивате од роднините во странство

Проблематични ќе бидат средствата од родителите према децата што работат во странство. Или некои такви средства кои не припаѓаат на системот на оданочување.

Граѓаните ќе треба да ги правдаат и докажуваат и парите кои ги добиваат од роднините во странство поради новите измени со кои Управата за јавни приходи ќе добие слободен пристап до банкарските податоци. Ваквите приходи не припаѓаат на системот на оданочување.

Проблематични ќе бидат средствата од родителите према децата што работат во странство. Или некои такви средства кои не припаѓаат на системот на оданочување. Луѓето ќе треба да ги докажуваат, дека тие приходи всушност се приходи од нивни блиски роднини кои се дадени како поклон. Тоа важи исклучиво за прво колено, сето останато се даночи, вели економистот Горан Рафајловски.

Граѓаните ќе ја добиваат Годишната даночна пријава од УЈП која ќе можат во целост да ја отфрлат, прифатат или да спорат одредени приходи кои сметаат дека не треба да бидат оданочени.

Рафајловски смета дека Управата била принудена да ги направи овие законски измени.

- Проблемот се јави во оној момент кога УЈП се реши сама да ја прави даночната пријава на граѓаните. Кога си ја постави таа цел мораше да направи некаква законска измена за да ги добие сите приходи и приливи што може вас да ви стасаат на една сметка, која што понатаму ќе ве оданочат, вели Рафајловски.

Засега не е познато колку вработени во Управата ќе имаат пристап до податоците на граѓаните, но од УЈП уверуваат дека податоците се сигурни. Оттаму појаснуваат дека од банките и досега добивале податоци, но во хартиена форма.

Податоците до УЈП најверојатно ќе се доставуваат на месечна основа. Оттаму велат оти се свесни дека може да се појави проблем со приходите од странство, бидејќи потребните податоци за приходите од земјава Управата ги добива и од исплатувачите.

Македонската асоцијација на банки остро се спортиставува на овие измени, бидејќи сметаат дека со ова се навлегува во приватноста на граѓаните и заштитата на личните податоци, а со тоа се губи правниот термин „банкарска тајна".

Увид во трансакциските сметки на клиентот претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност. Ова може негативно да влијае на довербата на граѓаните во банките, која макотрпно се гради последниве 20-тина години - велат од Македонската асоцијација на банки.

Банкарите бараат јавна расправа за да се разгледаат сите опасности кои може да ги донесе овој закон, а ако законот помине, тогаш ќе мора прецизно да се дефинира кои податоци, и во кој обем и рок ќе се разменуваат, како и начинот на чување, но и на нивно уништување.

Со измените се предвидува увид во банкарските сметки да добие и Царинската управа, но со поднесување на писмено барање до банките. На тој начин ќе се овозможи Царината да врши присилна наплата на царинските давачки.

Промовирани огласи »

6,5 милиони евра за општините за инфраструктура и градинки-ќе се подобрат ли услугите?

Општините ќе можат да аплицираат за 6,5 милиони евра за капитални проекти

Општините ќе можат да аплицираат за 6,5 милиони евра за капитални проекти преку Проектот за подобрување на општински услуги - МСИП. Општинските власти треба да подготват предлог-проекти со кои ќе аплицираат на јавниот повик, кој Министерството за финансии ќе го објави во септември.

Проектот за подобрување на општинските услуги го спрoведува Министерството за финансии. Тој е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра. Целта на проектот е да ги подобри услугите кои ги дава општината на граѓаните, како и капацитетите на општинската администрација за имплементирање на проектите.

Во рамки на проектот се финансираат општински проекти како изградба и реконструкција на систем за водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, локална патна инфраструктура, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и слични проекти.

Илјадници граѓани во Македонија добиваат подобри услуги од својата општина благодарение на овој проект. Годишно, тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирани речни корита, градинки, културни домови, општински згради итн. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните - вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Само преку овој проект, на годишно ниво - од јуни 2017 до јуни 2018 година, реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина.

Промовирани огласи »

„Виз ер“ ги укинува летовите од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон

Само осум дена откако Министерството за транспорт и врски ја прекина постапката за избор на авиокомпанија за субвенционирање

„Виз ер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија, една недела откако владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за лансирање на нови дестинации, објави порталот „ExYuAviation“.

Нискобуџетниот авиопревозник ја прекина продажбата на билети за Скопје-Барселона од 26 октомври. Исто така, ја прекина продажбата на билети за своите летови од Охрид до Лондон од 24 октомври.

Како што претходно беше објавено, „Виз ер“, ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка. Последниот лет помеѓу двата града ќе биде на 16 септември, по што продажбата на билети е прекината.

Летните летови помеѓу двата града беа претставени пред една година на 14 јули. „Виз ер“ ќе продолжи да лета до Стокхолм, Малме и Гетеборг во Шведска од главниот град. Оваа година, „Виз ер“ ќе го зголеми капацитетот на своите летови од Македонија, преку надградување на двата од своите четири авиони стационирани во Скопје, од Ербас А320 до поголем А321, пишува „ExYuAviation“. Покрај тоа, компанијата ја подобри понудата меѓу Скопје и Милано, со летови до меѓународниот аеродром „Малпенса“ наместо „Бергамо“, додека новите летови од Виена до Охрид ќе бидат воведени во ноември.

Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни. Како резултат на тоа, нискобуџетниот авиопревозник повеќе не е договорно обврзан да ги одржува своите дестинации што ги лансираше во текот на изминатите три години, ниту пак добива субвенции за нив. Македонското Министерство за транспорт и врски неодамна го поништи тендерот за нов круг субвенции. Само една авиокомпанија аплицираше, но Министерството забележа дека запечатените коверти не ги содржат името и адресата на превозникот, како што е наведено во тендерската документација.

Министерството сака да информира дека ќе објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за авиопревозниците во најкус можен рок, со цел да овозможи развој на воздушниот сообраќај во Македонија, се вели во соопштението на министерството.

Промовирани огласи »

За ракијата од казани ќе се плаќа акциза: Колку максимум ќе смеат да произведат

Што предвидува новиот Закон за акцизи

Земјоделците кои од овошје и грозје произведуваат жестоки алкохолни пијалоци ќе смеат во текот на годината да произведат најмногу 1.000 литри чист алкохол. Ова е дел од новиот Закон за акцизи кој веќе е објавен, а со кој и земјоделците кои прават ракија дома која ја продаваат стануваат акцизни обврзници. Според предложените измени, на произведената количина се плаќа акциза од 30 денари по литар жесток алкохолен пијалок со просечна јачина од 45 отсто.

Според одредбите, земјоделците кои сакаат да прават ракија од грозје или од друго овошје и производот да го продаваат, должни се да се регистрираат во Царината. Кога ќе почне процесот и за тоа треба да се извести царинскиот орган. Земјоделецот мора да соопшти точна дата и време во кое ќе се одвива произвдоството без прекин, местото на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок, но и планираната количина на акцизни марки.

Жестоките алкохолни пијалоци произведени од страна на земјоделците се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи и за продажба во угостителски објекти, стои во законот.

Инаку акацизата ќе се плаќа по завршување на производството со поднесување акцизна декларација при што треба да се подигнат и акцизните марки.

Во новиот закон е воведена и категоријата мали дестилерии. Станува збор за мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалоци за комерцијални цели. За да биде мала дестилерија, производителот треба да има вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалоци од најмногу 2.000 литри. Акцизата во овој случај е намалена во однос на вообичаената која се плаќа за пиво, вино и други алкохолни производи и изнесува 50 отсто од пропишаната.

Согласно сегашното решение во Законот за акцизите, за малите пиварници пак, е пропишано акцизата да се плаќа со намалување од 20 проценти до 50 проценти од пропишаната полна акциза во зависност од произведените месечни количини. Вкупното годишно производство по овој основ не смее да надмине 150.000 литри. Согласно новото решение се предлага да се плаќа полна стапка на акциза, а по истекот на годината во зависност од произведената количина на пиво да се бара враќање на акцизата.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »