Од денеска стартуваат обуките за претприемништво кои се дел од програмата за Самовработување, како дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.

Обуки за претприемништво денеска започнаа во шест Центри за вработување, и тоа во: Скопје, Тетово, Велес, Гостивар, Прилеп и Кочани.
Селектираните кандидати ќе ги посетуваат обуките во групи во времетрање од четири дена.
Обуките за претприемништво ќе траат до 05.07.2018 година и ќе се спроведуваат во сите Центри за вработување во Македонија. Со овие обуки ќе бидат опфатени вкупно 1518 селектирани учесници.
Обуките ќе се одвиваат во работните клубови на Центрите за вработување, а ќе се спроведуваат од страна на надворешни консултанти.
Овие обуки за претприемништво имаат за цел да ја подобрат подготвеноста за работа на учесниците, да ги развијат индивидуалните капацитети за претприемништво и да поттикнат и мотивираат отпочнување на бизнис.
По завршување на обуката ќе се врши оценување на кандидатите кои пополниле и доставиле пополнет образец - Опис на бизнис идеја.
Оценувањето се врши од страна на консултантите и координатори на програмата, вработени во Центарот за вработување, согласно претходно утврдените критериуми. Потоа работна група ќе подготви ранг листа на селектирани бизнис идеи и дополнителна резервна листа на кандидати.
Најдобро рангираните кандидати ќе се вклучат во следниот чекор, поддршка за подготовка на бизнис план и со тоа ќе бидат чекор поблиску до остварување на нивната посакувана идеја за сопствен бизнис.
Со оваа програма годинава е планирано да бидат вработени 1176 лица во ново-основани правни субјекти.
Финансиската поддршка која ја добиваат лицата за отворање на сопствен бизнис е од 246.000 до 307.500 денари или до 615.000 денари доколку се основа субјект од два содружника.