Откако ќе го завршите вашето CV и ќе аплицирате за некое работно место, потребно е да се подготвите за предизвиците кои пред вас ќе ги постави интервјуто за работа. Нема да ви биде тешко да се подготвите за одговарање на прашањата, но треба да размислувате и за самодовербата која ја покажувате додека разговарате со интервјуирачот.

Една од најважните работи на кои треба да обрнете внимание е говорот на телото, бидејќи тоа може да одлучи дали ќе ја добиете работата или не.
Кога ќе се претставите на интервјуирачот, многу е важно да одржувате контакт со очите. Ова можеби ви личи премногу очигледно, но одржувањето на контакт со очите е една од најважните работи кај работодавците бидејќи тоа дава до знаење дека го почитувате соговорникот. Сепак, тоа не значи дека треба да претерувате со одржување постојан контакт бидејќи тоа може да изгледа морничаво. Наместо тоа, повремено погледнувајте кон други делови од лицето на соговорникот.
Експертот за говор на тело, Пети Вуд, вели дека тоа треба да изгледа како да танцувате со другата личност во текот на разговорот, бидејќи ако сте некоординирани целата ситуација ќе биде многу незгодна. Не се плашете да го копирате говорот на тело на соговорникот, па така ако тој се навали нанапред, и вие направете го тоа. Во најголем дел од случаите соговорникот нема ни да забележи дека го правите тоа.
Исто така, внимавајте што правите со рацете. Покажувањето на дланките асоцира на искреност и посветеност, додека прекрстувањето на прстите на двете раце покажува самодоверба. Од друга страна, тапкање со прстите по масата покажува дека сте нетрпеливи, па пробајте да го избегнете тоа.
Климањето со глава е добар знак кој му покажува на соговорникот дека го слушате. На тоа додадете и насмевка, за соговорникот да знае дека сте возбудени и среќни што сте добиле шанса да добиете интервју за работа во таа компанија.
Тагови: интервју за работа