За да обезбедиме квалитетен ран детски развој и да изградиме ефикасен и ефективен воспитно образовен систем со добра и силна основа, кој пред сè ќе биде цврст, безбеден и отпорен на разни промени и потреси, потребно ни е здраво и цврсто основно образование. Во таа насока, создаваме нов образовен модел за основно образование и нови и квалитетни наставни планови и програми за учениците од 1-3 одделение. Работната група која го создава овој нов образовен модел, се состои од експерти во областа, професори од Филозофскиот факултет и Педагошкиот институт, но и практичари во областа, односно наставници кои работат со ученици од 1-3 одделение, стои во повикот на МОН.

Откако заврши распустот на учениците, МОН најави промени во образовниот систем, а предложи за учениците од прво до петто одделение еден наставен час да трае 55 минути, во кој е вклучен и одмор во траење од 15 минути по секој наставен час. Наставникот одлучува кога ќе го даде одморот и како ќе го реализира. Исто така, предвидено е учениците од прво до трето одделение нема да имаат повеќе од четири часови дневно. Учениците ќе имаат Мајчин јазик, Математика, Светот околу нас, Уметност, Физичка култура. Предлог е да нема домашни и да се намалат тестирањата.
Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми и реформите во основното образование.
Вашите коментари и предлози се добредојдени и ги очекуваме на [email protected], а можете истите да ги доставите и до архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).
МОН наскоро очекува да ги добие и новите наставни програми за второ и трето одделение.