Промовирани огласи »

Парадокс на пазарот на трудот: Над 88 илјади невработени, а компаниите не можат да најдат кадар

И покрај 88.541 активни баратели на работа, македонските компании пријавуваат над 10.100 слободни работни места и сериозен недостиг од работна сила.

Македонскиот пазар на труд се соочува со изразен парадокс: во јуни биле евидентирани 88.541 активни баратели на работа, што е за 2.425 повеќе од мај, додека дополнително има и 41.281 пасивни баратели. Сепак, и покрај високата бројка на невработени, компаниите алармираат на сериозен недостиг од работна сила и сè поголема тешкотија да најдат соодветен кадар.

Податоците покажуваат дека најголем дел од невработените имаат пониско образовно ниво. Дури 58 отсто од активните баратели се без образование или со основно образование, а уште 25 отсто имаат средно образование. Тоа значи дека околу 83 отсто од невработените имаат најмногу средно образование, што укажува на сериозно несовпаѓање меѓу квалификациите на лицата што бараат работа и потребите на работодавачите.

Во меѓувреме, речиси 62 отсто од работодавачите очекуваат нови вработувања, а во приватниот сектор годинава се планирани 14.498 нови работни места. Најголема побарувачка има во преработувачката индустрија, трговијата, градежништвото и угостителството, додека на национално ниво се отворени повеќе од 10.100 слободни позиции. Поради недостигот од домашна работна сила, државата ја зголеми квотата на 10.000 работни дозволи за странци, што дополнително потврдува дека клучниот проблем не е само невработеноста, туку и несоодветноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд.

Тагови: Агенција за вработување (АВРМ) невработеност

Промовирани огласи »

УНИБанка им посака среќен почеток на првачињата!

Првачињата добија посебно изненадување од УниБанка!

Некои денови едноставно не се пропуштаат, првиот училишен ден е еден од нив. Новото ранче, возбудата, првото ѕвонче, моменти што остануваат во сеќавање засекогаш.

Токму затоа, УНИБанка организираше посебно дружење за децата на своите вработени кои оваа година стануваат првачиња. Во весела атмосфера, со аниматор, игра и многу насмевки, секое дете доби можност да се претстави и да го покаже својот талент и она што го прави посебно. Првачињата одговараа и на едноставни, но многу симпатични прашања. Нивните одговори и изведбите предизвикаа многу насмевки и можете да ги погледнете на следниот ЛИНК.

Малите таленти добија големи аплаузи, а секое прваче доби и подарок од УНИБанка за среќен почеток на новата училишна авантура.

Во УНИБанка веруваме дека грижата за вработените значи да бидеме тука за нив и во моментите што им значат најмногу. Затоа, и оваа година, им овозможивме слободен ден на првиот училишен ден на сите вработени чии деца се првачиња, за да бидат покрај своите најмили кога започнува едно од најважните поглавја во нивниот живот.

Со оваа иницијатива продолжуваме да градиме средина во која се важни луѓето, семејството и моментите што навистина значат.

Среќно, првачиња!

Тагови: УНИ БАНКА АД

Промовирани огласи »

Алармантен пад на првачиња: Над 4.500 деца „недостигаат“ од генерацијата родена во 2020

Од 19.031 родени деца во 2020 година, досега се запишани само околу 14.500 првачиња. Бројките отвораат сериозни прашања за иселувањето, наталитетот и иднината на училиштата во Македонија.

Околу 14.500 деца досега се запишани во прво одделение за учебната 2026/2027 година, иако во 2020 година во Македонија биле регистрирани 19.031 живородено дете. Разликата од повеќе од 4.500 деца, односно речиси една четвртина од генерацијата, отвора сериозни демографски дилеми – колку од овие деца сè уште живеат во земјава, а колку со своите семејства се иселиле во странство. Од Министерството за образование велат дека бројката не е конечна, бидејќи дополнителните уписи ќе траат до крајот на септември, но и покрај тоа тешко е да се очекува целосно затворање на јазот.

Трендот на намалување е видлив и на подолг рок. Во учебната 2016/2017 биле запишани 23.266 првачиња, а ако сегашната бројка значително не се промени, државата за една деценија ќе има речиси 9.000 првачиња помалку. Експертите предупредуваат дека нискиот наталитет објаснува дел од падот, но не и целосно, бидејќи денешните првачиња припаѓаат на генерација кога бројот на раѓања сè уште бил над 19.000. Како клучен фактор сè почесто се посочува иселувањето на младите семејства, што директно се одразува врз училиштата и ученичката евиденција.

Последиците веќе се чувствуваат на терен. Годинава 26 подрачни училишта би можеле да престанат со работа затоа што немаат ниту едно запишано прваче, најмногу во руралните средини, додека во делови од Скопје недостигаат училници и наставен кадар. Во основното образование се очекуваат околу 200 паралелки помалку, но бројот на наставници засега не се намалува. Оваа нерамнотежа покажува дека Македонија истовремено се соочува со општ пад на бројот на деца и нивна сè поголема концентрација во урбаните центри, особено во главниот град.

Тагови: Македонија прваче наталитет демографија

Промовирани огласи »

Од Зелениково до „Железничка“ за 40 денари - Ова се цените за Градскиот воз

Времето на патување е од 24 до 28 минути.

Железници Инфраструктура за потребите на проектот „Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација.

Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред на возење кој го утврди МЖ Транспорт. 

Во еден правец карта е 40 денари, а повратен билет чини 70 денари. Се планираат девет поаѓања на оваа релација, а времето на патување е од 24 до 28 минути.

Проектот „Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз. Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на Градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.

Особено значајно е што проектот „Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива еден квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците. 

Од Министерството за транспорт потенцираат дека во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од Градски воз, односно едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден.

Официјалната промоција на проектот е најавена за утре, а се очекува да присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорoт на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, директорот на  МЖ Транспорт Дејан Кошутиќ, потоа градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓеоргиевски, како и градоначалниците на оштините Зелениково, Коста Маневски, на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и на Аеродром, Дејан Митевски. Според предвиденото, присутните симболично ќе го означат проектот „Градски воз” со патување со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје.

Тагови: Скопје воз Градски воз

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »