Русинот за кој е смета дека е еден од анонимците кои стојат зад една од најстарите криптовалути во светот и кој е обвинет дека преку неа испрал најмалку 4 милијарди долари е уапсен во Грција, јави вчера грчката полиција.

Полициски извори го идентификувале уапсениот како 38-годишниот Александр Виник (Виников), фатен по добиена дојава во мало крајбрежно место на северот на Грција. Соединетите Американски Држави по него издадоа потерница, а најверојатно ќе се бара и негова екстрадиција.
Два извори упатени во криптовалутата биткоин кои не сакале да бидат именувани тврдат дека Виник бил клучната личност зад таа платформа, која од вторникот вечерта не работи поради „технички проблеми“.
Уапсен е меѓународно баран „мозок“ на криминална организација, се вели во соопштението на грчката полиција.
Од 2011 година 38-годишникот предводел криминална организација која администрирала една од најважните интернет страници за електронски криминал во светот, се додава во соопштението.
Полицијата тврди дека од 2011 година, од основањето на биткоин платформата, преку неа биле испрани најмалку 4 милијарди долари.
Биткоинот е првата дигитална валута која успешно ја искористи криптографијата за трансакциите да бидат безбедни и скриени, правејќи ја конвенционалната финансиска регулација тешка, односно речиси невозможна.
Апсењето на Веник е последното во низата американски операции против руските сајбер криминалци во Европа. Американското министерство за правосудство минатата недела го изгаси црниот интернет пазар Алфабеј.