Сите институции се подготвени навремено да го испорачаат тоа што им е обврска. Нема потреба од паника, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Утрово започна грејната сезона во Скопје. Во таа насока, Бектеши рече дека денешниот ден е потврда оти господинот Васко Ковачевски од ЕСМ и неговиот тим, со поддршка од Владата, ги направиле сите подготовки Скопје денес да има парно греење. Така и ќе биде до крајот на грејната сезона, уверува Бектеши.
-Ние не зависиме од другите, си правиме подготовки, употребени се сите капацитети, а и сите предлози се добредојдени и како што сме ветиле, најдобрите понуди во интерес на граѓаните ќе бидат прифатени, се со цел најевтино да ја поминеме оваа зимска сезона - истакна Бектеши.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека официјално, согласно законот, утрово започнала грејната сезона во Скопје.
-ЕСМ пред помалку од месец дена доби задолжение од Влада да го менаџира топлинското греење. Формиравме три компании, направивме подготовка за тој период за старт на топлинската енергија, имаме обезбедено енергенс до крајот на месецот, а во зависност од тоа како ќе функционира ТЕТО, ќе знаеме дали за следниот месец ќе повлекуваме енергија од ТЕТО или ќе произведуваме топлинска енергија во нашите топлани Исток и Запад - рече Ковачевски.
Сепак, утрово имаше неколку реакции од граѓани кои се пожалија дека радијаторите во нивните домови се млаки. Ковачевски истакна од кои причини би можело да дојде до таква појава.
-Можно е самата стамбена заедница да не била доволно подготвена да ја прими топлинската енергија. Мислам во делот на топлинските пумпи, подстаниците, делот во однос на електрична енергија и поправка на системот. Ако имало воздух претходно во радијаторите, топлинската енергија не може да го истисне воздухот. А за тоа се задолжени заедниците и станбените згради кои што треба да се подготват за грејната сезона, како што нагласивме и претходно. Ние имаме дијаграм и според тој дијаграм докажуваме дека испорачуваме топлинска енергија - забележа Ковачевски.
Инаку, Ковачевски информираше дека утринава во 05.50 часот, топланите биле пуштени при температура од 9 степени, истите работеле до 09.15 часот кога се постигнала надворешна температура од 12 тепени Целзиусовии притоа биле испорачани 997 мегавати топлинска енергија. Топлинска енергија, рече Ковачевски ќе има до крајот на грејната сезона, односно до 30-ти април 2023 година.
Што се однесува до снабдувањето со електрична енергија, тој потенцираше дека Блок 1 и Блок 2 во РЕК Битола се ставени во функција.
-Иако Блок 1 беше 23 дена во ремонт, а потребни се 45 дена за тој процес, ние со зголемен ангажман успеавме за краток период да го подготвиме Блок 1 и тој ќе биде во функција во текот на цела сезона - заклучи Ковачевски.