Желбата за поголем профит на угостителите го наруши имиџот на земјава. Високите цени за сместување и откажувањето на резервации за поголем профит, на неколку недели до одржувањето на Суперкупот, веќе избркаа голем број на странски навивачи кои за спектаклот наместо во Скопје, ќе се сместат во соседните држави.

Поради ваквата постапка на хотелиерите земјава се најде и во странските медиуми. Тоа пак ги натера Скопјани да помогнат да се смени сликата. Покренаа иницијативи преку социјалните мрежи за бесплатно сместување на странските навивачи. Од фан клубот на Манчестер Јунајтед велат дека по нивната акција на социјалната мрежа Фејцбук, добиле стотици пораки од фанови кои бесплатно ќе ги сместат странските гости.
„Добивам преку сто пораки да им се помогне за сместување, дури и бесплатно ќе ги сместиме.“ – вели Васко Кочковски – МУСЦ-Македонија.
На акцијата се приклучи и актерката Софија Куновска, која на својот фејсбук профил понуди дека ќе обезбеди две бесплатни ноќевања за странски туристи во нејзиниот дом. За цените за Суперкупот и откажувањето на резервациите од хотелите реагирале и амбасадите во земјава откако до нив стигнале поплаки од фанови кои сакале да дојдат во Македонија.
Па така, 40-тина фанови кои треба да пристигнат од Словенија за суперкупот, велат откако им била откажана резервацијата, своето незадоволство го изразиле во амбасадата во Скопје, од каде реагирале до хотелите, по што сопствените на хотелите сепак се премислиле и не ги откажале резеврациите.
„Тоа го пренесовме и во нашата амбасада во Скопје, им раскажавме што се случува. Ја пропатував цела Европа и вакво нешто не сум видел.“ – вели Мартин Стебловник – Фан од Словенија.
Дека цените се превисоки потврдуваат и од Здруженитето на угостителство и туризам. Од таму велат дека постојано апелирале до хотелите да ги намалат цените бидејќи така се оставал лош впечаток не само за земјава туку и за добивање на големи настани како суперкупот и во иднина.
„Во моментов сме ставени на голем испит, како сега ќе се покажеме трака ќе добиеме следен настан од големите сојузи и федерации кога зборуваме за спортот.“ – вели Горан Дамчевски – Заменик претседател на здружение за туризам и угостителство
„Цените се превисоки, не ги знаеме цените за сите хотели и не треба да зборуваме паушално. Но, тоа е ризик за секој хотел.“ – вели Славе Сирачевски – заменик претседател на здружение за туризам и угостителство.
Цени од 500 до 2.000 евра за ноќевање во хотелите во Скопје, можеа да се видат на „онлајн“ страниците за резервација уште пред повеќе од еден месец од одржувањето на Супер купот. Во моментов, сместување и ноќевање за двајца на осми август може да се пронајде од 400 евра, па сe до суми кои достигнуваат цифри и до 1.500 евра.
