Четири месеци по најголемиот грабеж на банка во земјава Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за 8 лица. Но, нема никаква информација каде завршија 2 400 000 швајцарски франци и 645 илјади евра.

Првообвинет е Бобан Смилевски вработен во секторот за трезорско работење и депо. Тој се товари дека со умисла искористувајќи ја позицијата во банката во неколку наврати во периодот од 31 март до 10 април го празнел трезорот со стотици илјади евра, додека второ, трето и четврто обвинетите се обвинети дека му помагале да ги украде парите.
За останатите 4-ца вработени на одговорни позиции во банката обвинителството оди со обвинителен предлог за несовесно работење во службата.
Грабежот се одвивал етапно во неколку дена, период во кој првообвинетиот тивко и во украсна кеса ги изнесувал парите. Полицијата за кражбата откри на 10 април по што го приведе вработениот во трезорот Бобан Смилевски. По 10-тина дена од МВР објавија дека инволвирани биле и братот на трезористот и уште една вработена на шалтер.
Но, каде завршија парите и кому му ги предал Смилевски, засега останува мистерија.
Досега во истрагата судот определил забрана за финансиски транскации, а сега обвинителството бара и замрзнување на имот за еден од првите 4-ца обвинети.
Од Обвинителството информираат дека за тројцата кои и до сега биле во притвор бара Судот да ја продолжи оваа мерка, а за еден обвинет да се продолжат мерките на претпазливост.
За кривичното дело тешка кражба од за кое се гонат обвинетите во законот е определена затворска казна од 3 месеци до 10 години, за затајувањето предвидено е од 1 до 10 години, а за несовесно работење од 6 месеци до 3 години затвор.
Овој случај од почетокот го следеа многу контроверзии и многу прашања се уште лебдат во воздух. МВР и Обвинителството по грабежот излегуваа со различни информации и суми на украдени пари, а од двете институции и од банката немаше никакви информации за време на истрагата.
НЛБ банка ја тресат афери
Само еден месец по грабежот, НЛБ банка повторно се најде во центарот на вниманието. Во мај годинава, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет против поранешен и актуелен директор на НЛБ Банка, поранешен министер, адвокат, нотар и други лица, како и едно лице државјанин на Република Словенија за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари.
Според обвинителството постојат сомненија дека во периодот од 2006 до 2017 година тие основале фирми, подигале кредити и пренесувале пари во Словенија и во австриски фирми кои потоа биле инвестирање во основање нови фирми и се купувал имот во Битола.
Обвинителството за овој предмет се уште нема поднесено обвинение.
Дали и како се поврзани грабежот и перењето пари и дали можеби зад случаите стојат исти луѓе, засега нема информации.